Handan Kazancı
20 Јуни 2020•Ажурирај: 20 Јуни 2020
ВАШИНГТОН
Потпретседателот на Република Турција Фуат Октај изјави дека Турција и Соединетите Американски Држави (САД) ја продлабочија соработката во однос на прашањето за Либија, напоменувајќи дека ова би можело да направи, како што рече, позитивна разлика", јавува Агенција Анадолија (АА).
Октај присуствуваше на заедничкиот вебинар на Унијата на стопанските комори и берзи на Турција (TOBB) и Американската стопанска комора.
„Исто така, ги продлабочуваме нашите билатерални консултации за Либија, токму како што се договорија претседателите на Турција и САД во текот на разговорите од 8 јуни. Турција и САД можат заедно да направат позитивна разлика", рече турскиот потпретседател.
Вчера, турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу рече дека турското Министерство за надвоешни работи и турското Министерство за одбрана и нивните разузнавачки служби наскоро ќе соработуваат со американските колеги за прашањето на Либија.
Чавушоглу истакна дека претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган предлага Турција и САД да соработуваат за прашањето на Либија, а таквиот предлог позитивно го оцени и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Добивме упатства да работиме заедно со американските колеги, што е важно за стабилноста на целиот регион и иднината на Либија", рече Чавушоглу.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од ОН и меѓународните заедници, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.