Adham Kako
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (HRW) соопшти дека семејствата на луѓето кои во Сирија ги заробија припадниците на терористичката организација ДЕАШ, сѐ уште чекаат расветлување на вистината за судбината на најмилите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Хјуман рајтс воч“ упати соопшение во врска со луѓето заробени за време на окупацијата на ДЕАШ, а чија судбина е непозната.
Во соопштението се наведува дека семејствата чекаат помош од коалициските сили за да дознаат нешто повеќе за исчезнатите членови на семејството.
Наведени се и податоци на Сириската мрежа за човекови права (SNHR), која тврди дека е непозната судбината на 8.143 лица кои биле заробени од припадниците на ДЕАШ.
„Коалициските сили би требало да дадат приоритет на споделувањето на информациите кои ги поседуваат со семејствата. Коалицијата би требало да помогне во формирање на формален механизам за решавање на прашањата за исчезнатите и во овозможување на семејствата да ги регистрираат своите случаи“, се наведува во соопштението.
Директорот на Одделот за борба против тероризмот при „Хјуман рајтс воч“, Надим Хури, изјави дека сега кога е завршена територијалната борба против ДЕАШ, коалицијата која се бори против оваа терористичка организација би требало да ги избрише застрашувачките траги кои останаа зад терористите.
„Клучно прашање за илјадници семејства е да се открие што им се случило на оние кои припадниците на ДЕАШ ги заробија“, изјави Хури.