İlayda Çakırtekin
02 Април 2025•Ажурирај: 03 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) побара од Унгарија да го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку стапне во земјата, јавува Анадолу.
„Унгарија треба да му забрани влез на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху или да го уапси доколку тој пристигне во земјата“, соопшти вчера њујоршката организација, откако Канцеларијата на Нетанјаху ја најави неговата посета на Унгарија оваа недела по покана на премиерот Виктор Орбан.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
„Како членка на МКС, Унгарија е обврзана да соработува во апсењето и предавањето на сите осомничени кои влегуваат на нејзина територија. Без сопствени полициски сили, МКС се потпира на државите за помош во апсењата“, изјавија од ХРВ.
Лиз Евенсон, директорка за меѓународна правда во ХРВ, оцени дека поканата на Орбан до Нетанјаху е „навреда за жртвите на сериозни злосторства“.
„Унгарија треба да ги исполни своите законски обврски како членка на МКС и да го уапси Нетанјаху доколку стапне на нејзина територија“, додаде таа.
Организацијата исто така изрази жалење што официјални претставници од неколку земји на Европската Унија, како Франција, Полска, Германија, Италија и Романија, одбиле да го спроведат налогот за апсење.
„Лидерите на ЕУ и другите земји членки на МКС треба јавно да ја повикаат Унгарија и сите земји членки да соработуваат со судот и да го уапсат Нетанјаху доколку тој ја посети нивната територија“, се вели во соопштението.
ХРБ тврди дека Орбан и неговата влада покажуваат „отворено непочитување“ кон владеењето на правото и човековите права.
„Дозволувањето на посетата на Нетанјаху, спротивно на обврските на Унгарија кон МКС, би бил најновиот напад на Орбан врз владеењето на правото“, изјави Евенсон.
Во моментот кога беа издадени налозите за апсење, Орбан рече дека ќе го покани Нетанјаху да го посети и „ќе му гарантира дека ако дојде, налогот нема да има ефект во Унгарија“.
Тој ги нарече налозите „цинично“ политичко мешање во тековниот конфликт на Блискиот Исток под превезот на правото.
„Амнести интернешнал“ исто така ја повика Унгарија да го уапси Нетанјаху доколку пристигне во земјата и да го предаде на МКС.
Инаку, Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, во врска со воените операции во Газа, каде што од нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година досега се убиени над 50.000 Палестинци.