Riyaz Khaliq Khaliq
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Кобната несреќа на авионот на „Чајна истерн ерлајнс“ во март оваа година била „намерна“, пишуваат американските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Податоците од летот покажуваат дека некој во пилотската кабина намерно урнал авион од Кина“, објави синоќа американското списание „Волстрит“, цитирајќи американски официјални претставници.
Авион „Боинг 737-800“ на „Чајна истерн ерлајнс“ со 123 патници и 9 члена на екипажот се урна во планинска област во Гуангџи на 21 март.
„Информациите собрани досега во кинеската истрага ги натераа американските претставници вклучени во истрагата да го свртат вниманието кон постапките на пилотот, велат луѓе запознаени со ова прашање. Исто така, постои можност некој друг во авионот да провалил во пилотската кабина и намерно да ја предизвикал несреќата“, се тврди во извештајот.
Пекинг допрва треба да одговори на тврдењата.
Сепак, кинескиот државен „Глобал тајмс“ го цитира соопштението на американскиот Национален одбор за безбедност во цивилното воздухопловство (NTSB) во кое се наведува дека не објавил никакви информации за истрагата за причината за падот на „Чајна истерн MУ5735“.
Националниот одбор за безбедност во цивилното воздухопловство соопшти дека ѝ помогнал на Кинеската управа за цивилно воздухопловство (CAAC) во истрагата за несреќата и дека „сите информации поврзани со таа истрага ќе бидат објавени од кинескиот авијациски регулатор“.
Авионот се движел од југоисточниот град Кунминг кон Гуангџоу, пристаништен град во близина на Хонгконг.
Сите патници и членови на екипажот во авионот беа прогласени за мртви неколку дена по несреќата и беа идентификувани преку ДНК-тест.
„Авионот го направи она што му беше кажано од некој во пилотската кабина“, се тврди во извештајот, во кој се цитира прелиминарната проценка на американски службеник.
„Проценката е направена по анализата на информациите извлечени од оштетениот снимач на податоци за летот на авионот“, се додава.
Американскиот „Еј-би-си њуз“, исто така, го тврди истото, повторно цитирајќи неименувани американски официјални лица: „Се верува дека авионската несреќа на „Чајна истерн ерлајнс“ во која загинаа 132 лица е предизвикана намерно.“
„Кинеските власти, кои ја водат истрагата, досега не забележаа никакви механички проблеми или проблеми со контролата на летот со авионот“, изјави американски функционер.
По интензивна потрага, спасувачките тимови ги пронајдоа двете црни кутии на авионот, од кои едната е „многу оштетена“.
Тимовите за пребарување пронајдоа околу 36.000 парчиња остатоци на локацијата.
Кинеските власти соопштија дека времето не било опасно во моментот на несреќата и дека летот имал нормална комуникација со контролата на летање до неговиот ненадеен пад.
Самиот авион бил во исправна состојба, а и пилотите биле во добра здравствена состојба, изјави претходно претставник на „Чајна истерн ерлајнс“ .