Bedrudin Brlyavac
10 Јуни 2017•Ажурирај: 11 Јуни 2017
ПЕРТ (АА) - Англиската црква Сент Пол во Биконсфилд, во градот Перт во Австралија, со цел промовирање на меѓуверски дијалог и соработка за време на месец Рамазан ја отвори својата врата за муслиманите во тој град за да можат да јадат за ифтар и да извршат молитва во таа богослужба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Црквата рекоа дека ја отвориле вратата на богослужбата за муслиманите по повод Рамазан, што е прв пат во Австралија муслиманите и христијаните во христијанската богослужба да оддадат почест на овој посебен месец во исламот.
Припадниците од различни религии така имаат можност заедно да учествуваат на ифтарите, по денот на долг пост за време на месец Рамазан.
Инаку, црквата веќе шест години е достапна на локалните муслимани за да можат да ја извршуваат молитвата во петок.
Имамот во тој град, Фаизел Чотиа за новинарите изјави дека муслиманите и христијаните на овој начин можат подобро да ги запознаат сличностите, но и да учат за разликите помеѓу двете религии.
„Мислам дека е најдобар начин да се оди напред, бидејќи постојат одредени недоразбирања, да се исече леб и да се подели храна”, изјави имамот.
Свештеникот на црквата Сент Пол, Питер Хамфрис, истакна дека верниците имаат многу сличности.
„Некаде во себе делиме нешто заедничко. Сите ние, на крајот од краиштата сме дел од една приказна”, изјави овој свештеник.
Припадниците на муслиманската и христијанска заедница во тој град ја пофалија идејата на заеднички собир за време на месец Рамазан.
„Навистина ми се допаѓа ова што го прави свештеникот и ми се допаѓа што тој и имамот имаат многу убаво и силно пријателство”, изјави за новинарите Ајша Новаковиќ, правник и муслиманка која прсуствува на заедничките собири со припадниците на другите религии.
„Мислам дека тие ни покажуваат, на сите нас но и остатокот на светот, што двајца луѓе можат да постигнат кога имаат лидерство и визија”, изјави Новаковиќ.
Таа додаде дека заедничката молитва е доказ дека припадници на различни религии можат да живеат во мир и слога.
Имамот Фајзел на крајот од дружењето откри дека планира да започне изградба на џамија веднаш до црквата за со тоа повеќе да ги зајакнат врските помеѓу двете заедници.