Beyza Binnur Dönmez
09 Јануари 2025•Ажурирај: 13 Јануари 2025
ЖЕНЕВА (АА) – Агенцијата за миграција на Обединетите нации денес упати повторно апел, овој пат за зголемување на веќе побараната помош за Сирија на 73,2 милиони долари, со цел да им помогне на над 1,1 милион Сиријци низ целата земја во следните шест месеци, јавува Анадолу.
Овој апел е барање за поголема помош од претходните 30 милиони долари, што беа дадени во декември 2024 година, а беа насочени кон зголемените зимски потреби во северозападна Сирија, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
„Оваа иницијатива има за цел да обезбеди итна помош за најзагрозените и најранливите заедници, вклучувајќи ги раселените групи и оние кои пристигнале низ цела Сирија“, се наведува во соопштението.
Средствата ќе се искористат за обезбедување основни средства за помош, финансиска поддршка, засолништа, услуги за заштита, вода, санитација, хигиена и здравствени услуги, како и за поддршка на раното закрепнување на раселените лица, оние кои се во транзит или кои неодамна пристигнале во нови заедници.
„ИОМ е посветена на помагање на народот на Сирија во овој историски момент додека земјата закрепнува од речиси 14-годишниот конфликт,“ изјави директорката на ИОМ, Ејми Поуп.
Според соопштението, во кое се цитирани податоците на хуманитарната канцеларија на ОН, речиси 500.000 внатрешно раселени лица се вратиле во северозападна Сирија до крајот на 2024 година.