Rania R.a. Abushamala
29 Јули 2025•Ажурирај: 30 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Активист од хуманитарниот брод „Хандала“, кој се упатуваше кон Газа, беше нападнат по пристигнувањето во израелскиот затвор, соопшти денес коалицијата „Флотила на слободата“ (ФФЦ), јавува Анадолу.
Бродот „Хандала“ со 21 невооружен цивил, меѓу кои пратеници, медицински лица и волонтери, кој превезуваше адаптирано млеко за бебиња, храна и лекови, беше запленет од израелските сили во близина на брегот на Газа во саботата вечер.
„Кога пристигнал во израелскиот затвор, американскиот бранител на човекови права Крис Смолс бил физички нападнат од седуммина униформирани лица“, соопшти коалицијата на X.
Крис Смолс е од Њу Џерси. Toj го основал и води Синдикатот на работници на Амазон (ALU) и се залага за подобри работни услови.
„Го давеле и клоцале по нозете, оставајќи видливи траги на насилство на неговиот врат и грб“, се вели во соопштението.
Коалицијата ФФЦ истакна дека „кога неговиот адвокат се сретнал со него, Крис бил опкружен со шестмина припадници на специјалната полициска единица на Израел. Ова ниво на сила не било употребено против други киднапирани активисти“.
Коалицијата го осуди нападот, велејќи: „Го осудуваме ова насилство врз Крис и бараме одговорност за нападот и дискриминаторскиот третман со кој се соочи.“
Бродот со хуманитарна помош на коалицијата „Флотила на слободата“ исплови од Италија во обид да ја пробие повеќемесечната израелска опсада, која го доведе 2,4-милионското население на Газа на раб на глад.
Во текот на изминатите месеци Израел пресретна повеќе бродови со хуманитарна помош што се движеа кон Газа во меѓународни води.
Во јуни израелските сили интервенираа на бродот „Мадлин“, приведувајќи 12 меѓународни активисти, меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг и француската пратеничка во Европскиот парламент Рима Хасан.
Израел применува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, со што се влошија хуманитарните услови во енклавата.
Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 147 лица починале од глад од октомври 2023 година, меѓу кои 88 деца.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија води интензивна офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, при што се убиени речиси 60.000 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.
Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до недостиг на храна.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна во енклавата.