Dilara Hamit
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Првичните наоди укажуваат дека ракетата што ја погоди Полска е истрелана од украинските сили со цел да пресретне руска ракета, објави денеска „Асошиејтед прес“ (Associated Press), цитирајќи американски официјални претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претходно, американскиот претседател Џо Бајден, исто така, рече дека е „малку веројатно“, ракетата, од која загинаа две лица во Полска, сојузник во НАТО, да биде истрелана од Русија.
Бајден разговараше и со полскиот претседател Анджеј Дуда и му ја понуди поддршката на Вашингтон.
Во меѓувреме, амбасадорите на НАТО денеска ќе разговараат за ракетниот напад на територијата на Полска, членка на Алијансата.
На итниот состанок, со кој ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на НАТО во Брисел, ќе се разговара за „трагичниот инцидент“ во кој загинаа две лица, според соопштението на Алијансата.