Anees Suheil Barghouti
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Новата анкета на јавното мислење во Израел сугерира дека повеќето Израелци веруваат оти мировниот план за Блискиот Исток, наречен „Договор на векот“ ќе пропадне, јавува Anadolu Agency (AA).
Истата анкета покажа дека повеќето Израелци сметаат дека американскиот претседател Доналд Трамп работи во најдобар интерес на Израел.
Анкетата спроводена од Демократскиот институт на Израел и Универзитетот „Тел Авив“, откри дека 74 отсто од Израелците веруваат дека Мировниот договор на Трамп (чии детали се сè уште нејасни), нема да успее.
Според анкетата, малку повеќе, односно 77 отсто, веруваат дека Трамп работи во најдобар интерес на Израел.
Во меѓувреме, 74 отсто од испитаниците во Израел сметаат дека интересите на Израел се „умерено важни“, или се „многу важни“ за американскиот претседател, додека пак во истото веруваат високи 94,5 отсто од арапските граѓани на Израел.
Само 30 отсто од испитаните израелски Евреи и само 3,5 отсто од израелските Арапи се изјасниле дека палестинските интереси се „важни“ за Трамп.
Минатата недела, високиот советник на Трамп и негов зет Џаред Кушнер изјави дека деталите на контроверзниот план ќе бидат откриени наскоро.
Кушнер, заедно со американскиот претставник за меѓународни преговори Џејсон Гринблат, неодамна го посети регионот каде што разговараа со високи претставници на Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Катар и Израел, со цел да го промовираат планот.
Меѓутоа, палестинското раководство во Рамала ги отфрли сите говори за медијација на САД од декември минатата година, кога Трамп официјално ја објави својата одлука да го признае Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.