Fatih Erel
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Најмалку 2.200 деца загинаа во текот на тригодишната војната во Јемен, соопштија денес од Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Немилосрдниот конфликт во Јемен ја турна земјата на работ на бездната. Социјалните услуги едвај функционираат, економијата се распадна, цените се зголемија, болниците се оштетени, училиштата се претворени во засолништа или се заземени од страна на вооружени групи“, истакна во Женева извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Форе, по четиридневната посета на Јемен.
Таа рече дека на околу 11 милиони деца во Јемен им е потребна помош во храна, лекување, образование, вода и санитарни услови.
„Од 2015 година, повеќе од половина од здравствените установи престанаа да работат, а околу 1.500 училишта беа оштетени во воздушните напади и гранатирањата“, рече Форе.
Посочи дека загинале најмалку 2.200 деца, а дека 3.400 се повредени во текот на последните три години, и предупреди дека овие бројки се потврдени и дека вистинските може да бидат уште поголеми.
„Во Сана, на Одделението за неухранети деца, видов осуммесечно бебе тешко колку новороденче. Во Неонаталниот оддел за интензивна терапија, видов бебиња во инкубатор кои се борат за живот“, додаде Форе.
На крајот таа ги изнесе податоците дека во последните две недели, околу 5.000 семејства ги напуштиле своите домови во градот Ал Худејда. Според неа, цената на зеленчукот и маслото за јадење се зголемила за 30 отсто, плинот за готвење за 50 проценти, а оштетувањето на цевките на градскиот водовод довело до сериозен недостиг на вода за пиење.