Zehra Nur Düz
11 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
КАИРО (АА) - Министрите за надворешни работи на арапските земји ја осудија изјавата на премиерот на Израел за анексија на Јорданската Долина и ја окарактеризираа како опасен развој на нештата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Новиот план на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ги поткопа шансите за напредок на мировниот процес“, истакнуваат министрите за надворешни работи од Арапската лига во декларацијата по вонредниот состанок во Каиро свикан по повод најновата најава на израелскиот лидер.
Се додава дека одлуката ќе ги минира сите темели на мировниот договор со Палестинците.
Нетанјаху изјави дека Израел ќе наметне свој суверенитет над Јорданската Долина и другите населени места на окупираниот Западен Брег, доколку победи на изборите следната недела.
Околу 70.000 Палестинци и 9.500 еврејски доселеници моментално живеат во Јорданската Долина - голем, плоден појас земја што претставува една четвртина од Западниот Брег.
Израел тврди дека долината е од витално значење за нејзината безбедност и константно ја отфрла идејата за откажување од долината или од дел од неа во кој било иден договор со Палестинците.
Претходно, месецов, Нетанјаху го повтори ветувањето за анектирање на сите населени блокови во окупираниот Западен Брег. „Со Божја помош, ќе го прошириме еврејскиот суверенитет на сите населби, како дел од земјата на Израел и како дел од државата Израел“, рече тој.
Околу 650.000 израелски Евреи во моментов живеат во над 100 населби изградени од 1967 година наваму, кога Израел ги окупира Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс).
Меѓународното право ги смета Западниот Брег и Источен Ерусалим како окупирани територии, а сите еврејски активности за градење населби таму како илегални.