Esin Işık
12 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
АНКАРА
Лидерот на турската Партија за национално движење (MHP), Девлет Бахчели, порача дека потегот на Грција, која од една страна во Германија седеше на иста маса со Турција, а од друга страна потпишуваше неважечки договор со Египет, е неморален, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бахчели во пишано соопштение истакна дека глобалната и регионалната тензија е на загрижувачко ниво.
Велејќи дека експлозијата во пристаништето на Бејрут негативно влијаела на либанската политика, како и на регионалните прашања, Бахчели оцени дека разорната експлозија во Бејрут е една од најголемите катастрофи кои се случиле во последно време.
„Не е нормално Либан по експлозијата да се соочува со низа кризи кои се појавија како некој да притиснал на некое копче. Секој проблем во Либан може да влијае на Сирија, Иран, Ирак, Јордан, Израел, Кипар, Турција, па дури и на целиот свет“, изјави Бахчели.
Тој изјави дека експлозијата се случила во време кога напнатоста на Источниот Медитеран се нашла на врвот на турската и меѓународната политичка агенда.
„Вистина е тоа дека оние кои влегоа во редот за да ја оддалечат Турција од Либија, Сирија, па дури и од Источниот Медитеран, прават планови да ја прекинат врската меѓу Бејрут и Анкара“, порача Бахчели.
Тој наведе дека потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај и министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во вистинско време го посетиле Бејрут со цел да ја завршаат оваа крвава застарена игра токму таму каде што таа се одиграла.
Оценувајќи дека итрата политика на Франција е осудена да остане како грда манифестација на потрагата по моќ, Бахчели го кажа следното:
„Експлозијата во Бејрут се случи на 4 август 2020 година. Во тоа време Турција и Грција беа во подготвена позиција. Втора работа за која треба да зборуваме е Договорот за поморски ограничувања во Источниот Медитеран, кој два дена по експлозијата беше потпишан меѓу Грција и Египет. Јасно е дека подрачјето кое е ограничено со договорот на споменатите земји се наоѓа на континенталниот праг на Турција. Со овој договор се кршат и поморските надлежности на Либија. Тоа што Грција од една страна со Германија седеше на иста маса со Турција, а од друга страна потпишуваше неважечки договор со Египет, е неморален потег.“
Бахчели истакна дека ниту една земја не е доволно силна да ја исфрли Турција од Медитеранот.
Наведувајќи дека Грција има непријателски ставови кон Турција, Бахчели изјави дека е познато и дека турскиот народ одговара на непријателство.
„Оној кој ни се плетка околу нозете е осуден да биде згазен. Оние кои се занимаваат со провокации на морето, ќе се удават во него. Ниту една земја не е доволно силна да ја исфрли Турција од Медитеранот“, изјави Бахчели.
Лидерот на турската Партија за национално движење (MHP) истакна дека искрено се надева оти Египет повторно ќе размисли за својата несигурна врска со Грција.