Michael Gabriel Hernandez
22 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - По состанокот во Белата куќа, претседателот на Украина, Владимир Зеленски и американскиот лидер Џо Бајден одржаа заедничка прес-конференција на која беше нагласено дека НАТО и Европската Унија никогаш не биле пообединети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден истакна дека рускиот челник Владимир Путин ќе доживее неуспех во војната во Украина.
„Путин сè почесто напаѓа цивилни цели. Тој ќе доживее неуспех. И претходно доживеа неуспех и многу е важно тој и сите останати да видат дека претседателот Зеленски и јас сме обединети“, рече Бајден и додаде:
„Ќе ја поддржуваме Украина сѐ додека Украина постои“, рече Бајден, и истакна дека НАТО и ЕУ никогаш не биле пообединети.
„НАТО и Европската Унија никогаш не биле пообединети за кое било прашање и не гледам знаци за промени. Сите знаеме што е во игра, самата идеја за суверенитет, повелбата на Обединетите нации. Путин мислеше дека ќе го ослабне НАТО, наместо тоа, тој го зајакна НАТО. Произведе пообединета Европа“, рече Бајден.
Зеленски истакна дека праведен мир не може да биде компромис за слободата.
„Што значи праведен мир? За мене, како претседател, праведен мир не може да биде компромис за суверенитетот, слободата и територијалниот интегритет на мојата земја, надомест за сета штета нанесена со руската агресија“, рече Зеленски и додаде:
„Не може да има праведен мир во војна што ни е наметната.“
Зеленски истакна дека неговата земја, заедно со оние кои ја поддржуваат Украина, се бори за победа против тиранијата.
„Ова е реалниот живот и ние ќе победиме“, додаде Зеленски, истакнувајќи дека Украина и нејзините сојузници споделуваат заеднички вредности.
Зеленски нагласи дека е убеден дека Украина и понатаму ќе ја има поддршката на САД и се заблагодари на американската администрација за системот „Патриот“.
„Тоа е многу важен чекор кој значително ќе ја зајакне противвоздушната одбрана на нашата држава“, рече претседателот на Украина, истакнувајќи дека тоа е многу важен чекор за создавање безбеден воздушен простор за Украина.
Бајден истакна дека е јасно дека Путин нема намера да ја запре суровата војна во Украина. Нагласи дека и овој состанок се случува во моменти кога рускиот претседател Владимир Путин ги „ескалира бруталните напади“ врз Украина.
„Украина ја доби битката кај Киев, во битката кај Харков, кај Херсон“, рече Бајден, нагласувајќи дека Русија сега ја користи зимата како оружје.
„На сите треба да ни биде јасно што прави Русија. Таа намерно ја напаѓа критичната инфраструктура“, рече Бајден.
Тој, исто така, нагласи дека испораката на американскиот систем „Патриот“ во Украина нема за цел да ја ескалира ситуацијата, туку има одбранбени мотиви.
Бајден најави и 45 милијарди долари помош за Украина.
„Ќе останеме со вас колку што е потребно, нема да бидете сами“, порача американскиот претседател.
САД вчера објавија нов пакет воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи го и ракетниот систем „Патриот“ за кој Русија го предупреди Вашингтон да не го испраќа на Киев.
Со овој пакет, помошта што САД ѝ ја дадоа на Украина од јануари 2021 година ќе достигне 21,9 милијарди долари.