Ekipa
01 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, доцна синоќа најави дека ќе го одложи усвојувањето на тарифите за увоз на алуминиум и челик од Европската Унија, Канада и Мексико, пренесува Anadolu Agency (AA).
Усвојувањето е одложено за 30 дена, додека Белата куќа се подготвува за трговски преговори со Кина кои ќе следат во наредните денови.
„Администрацијата продолжува со преговорите со Канада, Мексико и Европската Унија за 30 дена. Во сите овие преговори, администрацијата е фокусирана на квотите на ограничување на увозот, на спречувањето претовар и заштитата на националната безбедност“, соопштено е од Белата куќа.
Во март, Трамп потпиша налог за воведување нa тарифа од 25 отсто на увозниот челик и 10 отсто на увозниот алуминиум. Во образложението, американскиот претседател рече дека овие тарифи се неопходни со цел да се обезбеди раст на работни места во индустријата за челик и алуминиум во САД.
Во моментов, околу 90 отсто од алуминиумот кој го користи американската индустрија е од увоз, како и една третина од челикот.