Şerife Çetin
30 Јуни 2020•Ажурирај: 01 Јули 2020
БРИСЕЛ (АА) – Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, истакна дека Европа не може да му го сврти грбот на сирискиот народ и дека масовните злосторства извршени во Сирија не треба да поминат неказнети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борел сподели видео пред конференцијата насловена „Поддршка за иднината на Сирија и регионот“, организирана заеднички од ЕУ и Обединетите нации (ОН).
Наведувајќи дека сириската војна влезе во својата 10-та година, Борел истакна дека војната предизвикала голема болка и дека сирискиот народ сѐ уште живее во страв.
„Европа не може да му сврти грб на сирискиот народ и нема да сврти. Масовните злосторства извршени во Сирија не треба да поминат неказнети“, нагласи Борел.
Нагласувајќи дека Сирија е сосед на ЕУ и нејзината стабилност е важна, Борел рече дека Унијата ќе продолжи да ги поддржува и Сирија и соседните земји кои се домаќини на сириските бегалци.
„Турција, Јордан и Либан со отворањето на вратите за големиот број бегалци покажаа извонредна солидарност“, истакна Борел.
Изјавувајќи дека хуманитарната помош на ЕУ и нејзините земји членки за Сирија е најголема, Борел рече дека сепак тоа не е доволно. „Треба да сториме повеќе за да ги ублажиме страдањата на сирискиот народ. Мораме да се фокусираме на политичкото решение.“