Dejan Maksimovic
06 Март 2020•Ажурирај: 07 Март 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, по денешниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, истакна дека ЕУ ќе ги преземе сите мерки во согласност со правото на Европската Унија и меѓународното право, со цел целосно почитување на интегритетот на своите граници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потсети дека се разговарало и за, како што рече, многу сложената и тешка ситуација во Идлиб.
„Таму навистина е потребно итно да се дејствува со цел да се реши тешката хуманитарна криза“, рече Борел, и додаде дека вчера на министрите им покажал сателитски снимки од турската граница на кои се гледа „морето“ бегалци и шатори кои се обидуваат да најдат засолниште среде зима.
„Исто така, се согласивме за свикување Бриселска конференција за поддршка и за иднината на Сирија на 29 и 30 јуни. Таа конференција ќе собере голем дел од меѓународната заедница на маса за да се поддржат напорите на Обединетите нации за изнаоѓање мирно решение за кризата, а тоа ќе биде можност да се одлучи за понатамошната хуманитарна помош за Сирија и регионот, за дијалогот со сириското граѓанско општество и со актерите, кои не го претставуваат ниту режимот ниту опозицијата.“
Борел рече дека е потребна итна деескалација на судирите во Идлиб, и дека Русија и Турција треба веднаш да обезбедат одржлив прекин на огнот, како и заштита на цивилите на теренот и од воздух, и да обезбедат непречено доставување на хуманитарна помош.
„На почетокот од неделата најавивме 60 милиони евра како поддршка на бегалците во северозападна Сирија. Значи, не станува збор само за недостиг на финансиски средства, туку за логистичка способност да се реши ситуацијата, да се достават храна, лекови, шатори во местата каде што се тие луѓе и таму каде што е тешко да се дојде поради воената ситуација. Се надеваме дека овој прекин на огнот ќе пружи можност за достава на хуманитарната помош“, појасни Борел.
Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, истакна дека му е мило што имале значаен состанок.
„Разговаравме за ситуацијата во Сирија со посебен акцент на подрачјето на Идлиб, која е загрижувачка и претставува ризик за поширокиот регион. За ЕУ е важно да се обезбеди прекин на судирите и заштита на населението, што го видовме и по договорот меѓу Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин. Размерите на хуманитарната криза се драматични и треба да се обезбеди пристап на хуманитарната помош“, рече Радман, и продолжи:
„Русија и Турција вчера постигнаа договор за примирје, што е клучно и за ситуацијата поврзана со бегалците и мигрантите, и притисокот на границата кон ЕУ. Се надеваме дека тоа ќе обезбеди пристап до хуманитарната помош. Во оваа смисла изразивме силна поддршка на Грција, Бугарија и Кипар. Сега е клучно да се пружи поддршка на Грција, која е најпогодена од актуелната ситуација. За Хрватска, која е соочена со зголемен притисок на границата со БиХ, важна е соработката со државите од Југоисточна Европа и помошта, со цел да можеме да се справиме со миграцискиот притисок и сите предизвици поврзани со тоа. Исто така, важен е и политичкиот дијалог и ангажманот со Турција, која згрижува 4 милиони бегалци и мигранти.“
Вонредниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на Европската Унија, на кој присуствуваше и Борел, се одржа денеска во Загреб во рамките на хрватското претседавање со Советот на ЕУ.