Muhammed Sabry
19 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ЕРУСАЛИМ (АА) - Британскиот премиер Риши Сунак пристигна денес во посета на Израел, со цел да покаже солидарност со Тел Авив поради неговиот тековен конфликт во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Мило ми е што сум овде во Израел во ова важно време“, рече Сунак во изјавата по неговото пристигнување.
„Пред сè, јас сум тука да ја изразам мојата солидарност со израелскиот народ“, рече тој.
„Сакам да знаете дека Обединетото Кралство и јас стоиме покрај вас.“
Сунак за време на неговата посета треба да се состане со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со претседателот Исак Херцог, соопштија од неговиот Кабинет.
Посетата се случува во време на големата израелска воздушна кампања врз Појасот Газа, што однесе многу цивилни животи, по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во израелските погранични градови.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Посетата се случува два дена по израелскиот напад врз болницата во Газа, во кој загинаа околу 500 лица.
Вчерашната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Израел од некои меѓународни набљудувачи беше видена како премолчена поддршка за воздушниот напад.
Најмалку 3.478 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа од 7 октомври. Повеќе од 1.400 лица загинаа во нападите врз Израел.