Ekip
10 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
КИГАЛИ
Властите на Демократска Република Конго соопштија дека најмалку 51 лице починале, а 70 се водат како исчезнати при потонувањето на импровизирано пловило, што се случило на почетокот на неделата во реката Конго, известува Агенција Анадолија (АА).
Бродоломот се случил на почетокот на неделата, а канцеларијата на гувернерот на провинцијата Монгала ја соопшти веста за несреќата дури во петокот и тоа без информации за билансот на настраданите.
Портпаролот на покраинскиот гувернер синоќа објави дека од водите на Конго се спасени 39 лица, додавајќи дека продолжуваат операциите на спасувачките екипи, но дека сè е помала надежта дека има преживеани.
Девет традиционални дрвени кануа наводно биле поврзани заедно во пловило. Портпаролот соопшти дека е можно несреќата да е предизвикана од преоптовареност на пловилото и лошите временски услови во текот на ноќната пловидба.
Властите на ДР Конго прогласија тридневна национална жалост што стапува на сила во понеделник.
Во февруари оваа година животот го загубија 60 лица откако пловило со 700 лица се преврте во реката Конго во провинцијата Маи-Ндомбе.