Ahmet Gürhan Kartal
26 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
ЛОНДОН (АА) - Претседателот на кипарските Турци, Ерсин Татар, денес изјави дека Велика Британија може да помогне во историската можност да се стави крај на долгодецениската безизлезна ситуација во Кипар со признавањето на Турската Република Северен Кипар (TRNC), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за британскиот таблоид „Сандеј експрес“ („The Sunday Express“), Татар ја повика Владата на британскиот премиер Борис Џонсон да застане зад неговиот план за дводржавно решение, што ќе го предложи на разговорите кои треба да започнат во Женева на 27 април.
Татар рече дека „откако Брегзит ја ослободил Велика Британија од ЕУ, сега таа може да ја исполни својата улога како неутрален гарант за источниот медитерански остров, осигурувајќи дека и кипарските Грци и кипарските Турци ќе бидат третирани на балансиран начин“.
Повикувајќи се на извори во британската Влада, весникот наведува дека министрите во Велика Британија размислуваат официјално да ја признаат Турската Република Северна Кипар како независна држава.
„Решавањето на долготрајниот спор на островот ќе им помогне на околу 300.000 кипарски Турци што живеат во Велика Британија да бараат директни летови кон нивната земја“, додава весникот.
„Со развојот на настаните во Источниот Медитеран, островот стана уште повреден“, рече Татар за весникот.
Тој изјави: „Турција нема никогаш да се откаже или да го промени своето мислење. Веројатно ќе продолжи да ја зголемува својата поддршка за кипарските Турци.“
Истакна дека планот за две држави сега е единствениот пат напред и кој има целосна поддршка од турската Влада.
„Тоа се фактите на теренот“, додаде тој.
„Она што го имаме во моментов е мирен соживот со две соседни држави“.
„Различни луѓе, различен јазик, различна историја, различна култура. Затоа беше наше вистинско право да воспоставиме сопствена држава, што го сторивме [во 1983 година].“
„Од 1974 година сме разделени. Младата генерација не се познава едни со други. Тие имаат различен јазик, култура и искуства. Имаше толку многу горчливи искуства што нема надеж за федерална врска во иднина.“
„Затоа бараме да се признае нашата држава“, рече тој, додавајќи дека имал позитивни разговори со британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, и со министерот за Европа, Венди Мортон.
Татар рече: „Мојата порака е како кипарски Турчин, како избран претседател, како пријател со британскиот народ, живеев во Велика Британија 17 години, одев на училиште во источен Лондон, завршив на Колеџот „Џизус“ на Кембриџ, завршив како економист, тогаш работев со PwC како овластен сметководител.“
„Јас сум пријател. И како пријател, ја молам британската заедница да преиспита што се случуваше на Кипар во текот на овие години.“