Hasan Esen
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија одлучи да воведе санкции за 6 високи членови на сирискиот режим, вклучувајќи го и сирискиот министер за надворешни работи, советникот на режимскиот водач Башар ал Асад и командантот на Републиканската гарда, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата дадена од британското Министерство за надворешни работи се наведува дека санкциите насочени кон „блиските сојузници на сирискиот диктатор Башар ал Асад“ се со јасна порака дека овие луѓе треба да бидат одговорни за злосторствата што ги сториле.
Во рамките на одлуката, санкции се воведени за министерот за надворешни работи, Фајсал Микдад, советничката на Асад, Луна Шибил, бизнисмените Јасер Ибрахим и Мухамед Ел Катирџи, командантот на Републиканската гарда, Малик Алија, и командантот на режимската Армија, Заид Салих.
Во соопштението се посочува дека санкциите се совпаѓаат со 10-годишнината од почетокот на демонстрациите во Сирија.
„Режимот на Асад продолжува да користи бруталност и насилство врз Сиријците, вклучително и страшна употреба на хемиското оружје“, стои во соопштението.
Меѓу другото, во соопштението е истакнато дека повеќе од половина милион луѓе загинале во 10-годишното насилство, 11 милиони луѓе ги напуштиле своите домови и дека основната инфраструктура, болниците и училиштата се редовно напаѓани.
Се посочува дека Велика Британија донела одлука за санкции за Сирија за прв пат по напуштањето на Европската Унија (ЕУ).
Министерот за надворешни работи, Доминик Раб, истакна дека режимот на Асад врши бруталности кон сирискиот народ веќе 10 години затоа што народот бара реформи.
„Денес сметаме дека 6 членови на режимот се одговорни за колективните напади врз граѓаните што треба самите да ги заштитат“, рече министерот Раб.