01 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
БРИСЕЛ (АА) - Велика Британија на полноќ ја напушти Европската Унија (ЕУ) и стана првата земја што излезе од блокот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Денес воедно е и почетокот на 11-месечниот транзициски период за време на кој британската влада ќе преговара со раководството на Унијата за идните односи.
Пред официјалното излегување од Европската Унија, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, ѝ се обрати на нацијата, истакнувајќи ја, меѓу другото, важноста на зајакнувањето на единството и напредокот во рамките на Обединетото Кралство.
Џонсон порача и дека тоа што е најбитно е што ова не е крај, туку почеток.
Додаде дека ова е време за промени.
„Овој час е мугра на новата ера и подигнување на платното за новиот чин“, порача Џонсон кој смета дека овој периот би можело да донесе надеж и можности во сите делови на Обединетото Кралство.
Џонсон рече дека сакаат ова да биде нова ера на пријателска соработка помеѓу ЕУ и Велика Британија.
Во Велика Британија во државните институции и во приватниот сектор се организираа разни прослави по повод Брегзит. Некои државни институции беа осветлени во боите на британското знаме. Претходно, во институциите на ЕУ во Брисел започна отстранувањето на знамето на Велика Британија.
Часот на напуштање на Европската Унија низ улиците во Британија го прославуваа приврзаниците на Брегзит, а од Европската Унија претходно предупредија дека преговорите за идните односи ќе бидат тешки.
Сепак, не се сите воодушевени во Велика Британија. Оние што се спротивставуваа на Брегзит организираа протести изразувајќи загриженост за иднината на земјата.
Централната банка претходно воведе серија монети од по 50 пени на кои е напишан датумот 31 јануари 2020 година и пораката „Мир, просперитет и пријателство со сите народи“.
Со оглед на тоа дека Велика Британија веќе не е членка на Европската Унија, британските политичари веќе нема да бидат во органите на Унијата. Меѓутоа, до крајот на транзитниот период, односно до крајот на тековната година, сите трговски и други односи ќе останат непроменети и ќе бидат предмет на преговори меѓу Лондон и Брисел.
Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се вели дека веруваат дека во новиот период на односите со Обединетото Кралство ќе се создадат значајни можности за развој на интересите на двете страни, и на регионалната и глобалната стабилност.
Челничката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вчера изјави дека блокот „сака најдобри односи со Велика Британија“.
„Но, никогаш нема да бидат толку добри како членството“, додаде Фон дер Лејен на прес-конференцијата во врска со Брегзит и иднината на ЕУ.
Велика Британија е членка на ЕУ од 1973 година, а одлуката за Брегзит беше донесена на референдумот одржан во 2016 година, кога 52 отсто од гласачите гласаа за напуштање на блокот.