ЛОНДОН
Велика Британија ѝ даде рок од 48 часа на Франција да ги повлече своите закани поради моменталниот проблем со рибарството, предупредувајќи дека во спротивно ќе преземе „правни мерки“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, на 26-тата Конференција на Обединетите нации (ОН) за климатски промени (COP26), што започна во Глазгов, Шкотска, даде изјава за „Скај њуз“ во врска со тековниот проблем за рибарството меѓу нејзината земја и Франција.
„Французите упатија целосно неразумни закани за Каналските Острови и нашата рибарска индустрија и тие закани треба да ги повлечат. Во спротивно, ќе ги искористиме механизмите од нашиот трговски договор со Европската Унија (ЕУ) за да преземеме акција“, нагласи Трас.
Наведувајќи дека Французите постапиле неправедно и не ги почитувале условите од трговскиот договор, Трас рече: „Ако некој отстапи од трговскиот договор, имате право да го тужите и да преземете некои мерки за компензација. Тоа е она што ќе го направиме ако Французите не отстапат.“
На прашањето колку брзо Франција треба да направи чекор назад, Трас одговори: „Ова прашање треба да се реши во следните 48 часа.“
Посочувајќи дека заканите на францускиот претседател, Емануел Макрон, до Велика Британија во врска со проблемот со рибарството се „ирационални закани“, министерката Трас рече дека Макрон се наоѓа во тежок изборен период.
Портпаролот на француската Влада, Габриел Атал, во изјавата дадена на 27 октомври рече дека од 2 ноември ќе спроведат одмазднички мерки против Британија поради тековниот проблем со рибарите.
Наведувајќи дека производите што се увезуваат од Велика Британија во Франција ќе бидат систематски контролирани на царината и дека ќе забранат увоз на морска храна, Атал напомена дека ќе бидат преземени и други мерки во наредните денови.
Трас, на 28 октомври, по заканите на Франција наложи Катрин Колон, француската амбасадорка во Лондон, да биде повикана во Министерството за надворешни работи.
Француските власти предупредија дека доколку нивните мали чамци не добијат повеќе дозволи за риболов во британските води, тие ќе ги задржат британските рибарски чамци во некои од пристаништата и ќе ги зајакнат царинските контроли на камионите што влегуваат во земјата.
Изразувајќи дека Велика Британија не го спроведува договорот за Брегзит, Макрон во врска со проблемот со рибарите нагласи:
„Не сакам никаква тензија, но треба да бидеме сериозни. Работиме 10 месеци. На некои од (француските) рибари дадени им се лиценци, додека другите не добија. Причините се непознати. Сè уште не е утврден методот за добивање лиценци. Француската Влада и Европската Унија имаат право да кажат дека ‘ако продолжите со овој пристап, ќе има одмазднички мерки‘“.
Британската администрација на островот Жерзи побара од француските рибарски бродови докази за нивните минати активности. Оваа ситуација предизвика тензии помеѓу Франција и Велика Британија.
Франција се закани дека ќе ја прекине доставата на електрична енергија на Жерзи, а француските рибари го блокираа пристаништето на островот.
Британската Влада испрати два брода на морнарицата на островот Жерзи како мерка на претпазливост, на што Франција одговори со испраќање два брода на морнарицата во регионот како противмерка.
По завршувањето на блокадата на француските рибари, бродовите на морнарицата се вратија назад. Франција бара ЕУ да биде построга кон Велика Британија во однос на рибарството.
Британскиот остров Жерзи, сместен во каналот Ла Манш, 95 % од електричната енергија ја добива од Франција, од која е оддалечен околу 14 милји.
news_share_descriptionsubscription_contact
