Davut Çolak
21 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
КОПЕНХАГЕН (АА) - Во Данска, некои бизниси кои беа затворени поради новиот вид коронавирус, Ковид-19, започнаа со работа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Автошколите, фризерските салони, салоните за убавина и нега, СПА-центрите, клиниките за тетоважи, физиотерапевтите, диететичарите, оптичарите, стоматолошките клиники, психолозите, центрите за слух и приватните болници, кои беа затворени со решенијата донесени на 11 март, повторно започнаа со работа.
Забележано е дека има голема гужва, особено во фризерските салони.
Хусеин Озџан, еден од најстарите фризери во Данска, со работен стаж од 40 години, во изјавата за АА рече дека има голем број клиенти бидејќи е прв работен ден по забраните.
„Салонот го дезинфицирав. Откако ќе завршам со клиентот, ги мијам рацете и ја чистам опремата. Клиентите во салонот ги примам еден по еден. Ако внатре има клиент, следниот чека надвор“, нагласи Озџан.
- Данците се среќни -
Џони Могенсен, клиент на Озџан, рече: „Точно пред еден месец ја потстрижував косата тука. Среќен сум што повторно сум тука.“
Јакоб Jeсперсен, кој има закажано термин за потстрижување за утре, нагласи: „Во периодот кога останав дома, трчав и уживав во сончевото време. Како што можете да видите, мојата коса порасна и сега сакам да ја скратам.“
Азадех Табризи, од иранско потекло, којa работи како фризер во Данска 10 години, рече: „Жално беше што улиците одеднаш останаа празни, а клиентите исчезнаа по одлуките на Владата. Тоа влијаеше и економски врз нас. Немаше што да се прави дома. Само чекавме животот да се врати во нормала.“
Тaa исто така рече дека презелa низа мерки во салонот и дека клиентите во салонот влегуваат еден по еден.
Наведувајќи дека користи маска при потстрижувањето, Табризи додаде дека по завршувањето со клиентот, опремата ја дезинфицира.
Откако Владата соопшти дека ќе се отворат фризерските салони, Табризи рече дека нејзиниот телефон не престанал да ѕвони и дека веќе има закажано клиенти за наредните две недели.
- Постепено отворање -
Во Данска, каде што постепено започна да се враќа животот во нормала, минатата среда започна наставата во основното образование, а исто така беа отворени и градинките.
Според официјалните бројки, Ковид-19 е откриен кај 7.515 лица во земјата, а од вирусот починаа 364 лица. Излекувани се вкупно 4.312 лица.