Ikrame Imane Kouachi
02 Декември 2023•Ажурирај: 04 Декември 2023
АНКАРА (АА) - Во израелските напади на Појасот Газа од почетокот на судирите на 7. октомври досега загинаа повеќе од 15.200 Палестинци, соопшти денес Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, известува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека 70% од жртвите се деца и жени, а ранети се 40.652 лица.
Од почетокот на судирите, во израелските бомбардирања се убиени 280 медицински работници, а приведени се 31, меѓу кои и директорот на болницата Ал Шифа, Мохамед Абу Салми, под обвинение за „фашистичко испитување со измачување, злоставување и глад“.
Цел на израелските напади беа дури 130 домови за здравје, а надвор од функција се 20 болници и 46 медицински центри.

Израелската војска на 1-ви декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза. Според податоците на Министерството за здравство на Газа, истиот ден се убиени 193 Палестинци, а 652 се ранети.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.200 Палестинци, од кои повеќе од 6.150 се деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.