Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
24 Јануари 2021•Ажурирај: 25 Јануари 2021
ТЕЛ АБЈАД
На северозападот на Сирија е започната втората кампања за вакцинација против детска парализа на речиси 45.000 деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шестдневната кампања се спроведува во координација со локалните власти и Сирискиот центар за поддршка и координација (SUDKOM), како и со канцеларијата на гувернерот на турската југоисточна област Шанлиурфа.
Децата во регионите Тел Абјад и Рас ал-Ајн, кои се исчистени од терористите во операцијата „Извор на мирот“, ќе бидат вакцинирани.
Доктор Хасан Асаф, шефот на здравствениот кабинет во Тел Абјад, за АА рече дека децата помеѓу една и пет години ќе бидат вакцинирани во домовите на здравје или од мобилните здравствени тимови.
Асаф рече дека тимовите ќе одат од врата до врата и ќе обезбедат сите деца да имаат корист од кампањата. Вакцините се сигурни и се одобрени од Светската здравствена организација.
Првата акција во борбата против детската парализа на тоа подрачје беше поддржана од страна на СУДКОМ, а спроведена е минатиот октомври.