Fatma Esma Arslan
25 Јануари 2018•Ажурирај: 26 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Водачот на терористичката организација ПЈД/ПКК, Салих Муслим, во рамките на кампањата за клеветење на операцијата „Маслинова гранка“, сподели фотографија на деца ранети во напад на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад врз Источна Гута, со наводи дека Турција врши масакр во Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
На фотографијата што Муслим ја објави на Твитер, се прикажани четири деца ранети во напад на режимските сили во Источна Гута во септември 2014 година.
Муслим потоа ја избриша споменатата објава, но новинарите на АА претходно направија „скриншот“ на фотографијата.
На социјалните мрежи, во последните неколку денови се води кампања за клеветење на операцијата „Маслинова гранка“. Голем број на фотографии објавени на интернет немаат никаква поврзаност со актуелната операција во Африн. Кампањата за клеветење на Вооружените сили на Турција дојде до ќорсокак, а припадниците на терористичката организација и нејзините поддржувачи почнаа да користат случајни фотографии на интернет.
Некои од профилите на социјалните мрежи кои ги објавуваа споменатите содржини се затворени, а некои ги избришаа претходно споделените фотографии.
Турските сили во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Африн, северозападна Сирија, со цел воспоставување безбедност во пограничниот појас, неутрализација на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата што е под окупација на терористите и давање поддршка на населението од тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.