Mustafa Deveci
14 Февруари 2024•Ажурирај: 15 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Палестинците во Појасот Газа веќе повеќе од четири месеци секојдневно се соочуваат со брутални напади од страна на Израел кој е обвинет за геноцид, а Наим Абу Сехер е само еден од многуте кои го загубија целото семејство во еден момент, јавува Анадолу.
Наим и неговото семејство поради израелските напади морале да го напуштат својот дом на северот на Појасот Газа и да побегнат во Деир ал Балах, кој се наоѓа во централниот дел на блокираната енклава.
Наим Абу Сехер во раните утрински часови излегол на кратко да најде леб за да ги нахрани своите деца и внуци, но кога се вратил дома дознал дека целото негово семејство било убиено во израелски напад.
Додека се обидувал да најде леб, куќата во која се засолнило неговото семејство била погодена од израелски напад, оставајќи го Наим без своите најблиски.
Кога дознал дека се убиени, Палестинецот во голем шок ја спуштил вреќата со леб и извикал: „Каде се моите деца?“.
Вознемирениот Палестинец додека ги гледал нивните безживотни тела рекол дека на кратко излегол да купи леб за своите деца и внуци.
„Кога се вратив, видов дека сите во куќата се убиени. Жени, мажи, деца и стари лица“, вели Наим.
Во нападот се убиени 15 лица од семејството Абу Сехер, меѓу кои и жени и деца.
Во нападите на Израел врз Појасот Газа за 128 дена се убиени 28.473 Палестинци.