Ayhan Şimşek
02 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
БЕРЛИН (АА) – Бројот на баратели на азил кои доброволно се вратиле во своите матични земји со финансиска поддршка се зголемил во 2025 година, покажуваат податоците објавени денес, јавува Анадолу.
Вкупно 16.576 лица ја искористиле федералната програма за поддршка на доброволното враќање во 2025 година, во споредба со 10.358 во 2024 година, соопшти портпаролката на Федералната служба за миграција и бегалци за локалните медиуми. Во 2023 година, оваа бројка изнесувала 10.762 лица.
„Доброволните враќања се зголемија за 60 отсто во однос на минатата година. Ова е важен чекор во насока на промена на германската миграциска политика“, изјави министерот за внатрешни работи Александер Добриндт.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со строга политика, но истовремено ќе нуди стимулации за оние кои немаат изгледи за останување во Германија.
- Доброволни враќања во Сирија -
Според надлежните институции, напредокот во политичката транзиција во Сирија поттикнал зголемен интерес кај сириските државјани да ги прифатат финансиските стимулации и да се вратат во татковината.
Во 2025 година, 5.976 лица поднеле барање за заминување во Сирија, од кои 3.678 веќе ја напуштиле Германија, покажуваат официјалните податоци.
Во рамки на програмата за финансиска поддршка за доброволно враќање, барателите на азил добиваат помош за организација на патувањето и покривање на трошоците.
Програмата обезбедува авионска или автобуска карта, како и покривање на трошоците за патување од местото на живеење до аеродромот или автобуската станица. Дополнително, корисниците добиваат пари за пат: 200 евра по возрасен и 100 евра по лице под 18 години.
Достапна е и медицинска поддршка до 2.000 евра за период до три месеци по пристигнувањето во земјата на потекло.
Покрај тоа, учесниците добиваат и еднократна помош од 1.000 евра по возрасен и 500 евра по лице под 18 години, со максимален износ од 4.000 евра по семејство.