Ayhan Şimşek
16 Јануари 2020•Ажурирај: 17 Јануари 2020
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска го критикуваше Египет поради приведувањето на вработените на Агенција Анадолија (АА) и упадот во нејзината канцеларија во Каиро.
„Министерството за надворешни работи на Германија е загрижено поради претресот на Канцеларијата на турската новинска агенција АА во Каиро и приведувањето на четири лица од нејзиниот персонал. Често ја истражувавме загриженоста поради ситуацијата околу слободата на медиумите во Египет. Сметаме дека слободните и разновидните медиуми се особено важни за функционирањето на општествениот систем. Тоа овозможува дијалог и размена и со тоа се придонесува за стабилноста и развојот“, изјави за АА портпаролот на Министерството за надворешни работи на Германија.
Египетската полиција во вечерните часови на 14 јануари изврши упад во Канцеларијата на АА во Каиро и потоа приведе четворица вработени, меѓу кои и еден државјанин на Турција, и ги одведе во непознат правец.
Полицијата при упадот во Канцеларијата на АА ги изгаснала безбедносните камери и ја прекинала интернет-врската. Безбедносните сили вршеле претрес во канцеларијата до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Досега, египетските институции не објаснија зошто се приведени новинарите и каде се однесени, без оглед на барањата за одговор од адвокатите на АА и од турската Амбасада во Каиро.
Турското Министерство за надворешни работи повика на итно ослободување на персоналот на АА и го оцени упадот во Канцеларијата на АА како чин на насилство и индикатор за негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.
Портпаролот на Обединетите нации (ОН), Стефан Дујариќ, изјави дека ОН се загрижени за секој извештај за апсења и приведувања на новинари и порача дека ОН ќе го истражат случајот на египетските безбедносни сили.
Од Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) и Меѓународниот институт за медиуми (IPI), исто така, го осудија упадот на египетската полиција во Канцеларијата на АА во Каиро и повикаа на итно ослободување на приведените.
Портпаролот на Стејт департментот исто така рече дека Вашингтон е запознаен со вестите од Каиро и ги повика египетските власти да ги ослободат притворените и да овозможат слободно новинарство.