ekipa
02 Август 2021•Ажурирај: 03 Август 2021
БЕРЛИН
Берлинската полиција соопшти дека 49-годишен маж починал откако во неделата бил приведен за време на протестите против мерките што германските власти ги воведоа со цел да се спречи ширењето на заразата со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Германската полиција утрово објави дека приведен маж се жалел на трпнење во раката и градите додека полицајците ја проверувале неговата лична карта во дистриктот Мите, каде што илјадници демонстранти се собраа и покрај забраната.
Полицијата му укажала прва помош на лицето, по што пристигнало возило на брзата помош и го префрлило во болница, каде што подоцна починал, соопшти полицијата.
Поради смртта на приведеното лице, започната е рутинска истрага.
На протестите повремено доаѓало до судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили, а полицијата употребила солзавец и применила сила.
Привремено поради идентификација од слобода се лишени околу 600 демонстранти, кои им се спротивставија на германските безбедносни сили.
Полицијата ги блокираше влезовите на плоштадот на кој се наоѓа Столбот на победата, а на демонстрантите не им е дозволено ниту движење кон Федералното собрание и Бранденбуршката порта.
Германските власти ангажираа околу 2.250 полицајци кои се задолжени да го обезбедат почитувањето на носењето маски, одржувањето социјална дистанца и да ги спречат демонстрантите да дојдат до споменатите подрачја.