Cüneyt Karadağ,Bahattin Gönültaş
14 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската Влада ќе купи 35 борбени авиони „Ф-35“ од САД за да ги замени авионите „Торнадо“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на германската новинска агенција (ДПА), германската Армија сака да ги опреми своите воздухопловни сили со воени авиони „Ф-35“ во рамките на новата програма за модернизација од 100 милијарди евра.
Новите борбени авиони „Ф-35“ на производителот „Локхид Мартин“ ќе ги заменат воените авиони „Торнадо“, што се користат во германското воздухопловство од 1980 година и се единствените германски авиони способни да носат американски нуклеарни бомби.
Се планира Германија да купи најмногу 35 авиони „Ф-35“, кои се претставени како најмодерни воени авиони во светот.
Авионите „Торнадо“, кои тешко се одржуваат и поправаат, се користеа и за електронска воздушна борба, нарушување на непријателските позиции за воздушна одбрана и напаѓање на позициите на непријателската противвоздушна одбрана.
Претходните планови на германското Министерство за одбрана вклучуваа купување на американски авиони „Ф-18“, кои сè уште не беа одобрени за употреба со нуклеарно оружје.
Од друга страна, се наведува дека одлуката на Германија за „Ф-35“ може да доведе до проблеми во однос на проектот „Следна генерација на воздушниот борбен систем“ (FCAS), што се спроведува заедно со Франција.
„Следна генерација на воздушниот борбен систем“ (FCAS) се прикажува како еден од најважните одбранбени проекти во Европа, а го спроведуваат Германија и Франција. Се коментира дека тоа е еден од најсериозните тестови пред заедничкиот одбранбен развоен капацитет на европските земји.
Долго време во европската јавност се дискутира дека Европа не успеа да стане главен актер во глобалната борба и дека останува зависна од САД во одбраната и не може да се натпреварува со американско-кинеските компании во клучните технолошки случувања.
Војната на Русија против Украина предизвика значително вознемирување во безбедносната политика на Германија, како и на европските земји.
По нападот на Русија врз Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека ќе бидат издвоени 100 милијарди евра за модернизација и зајакнување на Армијата и дека ќе се зголемат трошоците за одбрана.