Ekipa
20 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
АЛ БАБ (АА) - Како многумина од нејзините сонародници, и 11-годишното девојче Рахаф е жртва на сириската брутална граѓанска војна, кое беше принудено да го напушти училиштето за да се грижи за своето семејство и да го напушти својот сон да стане учителка еден ден, пишува Anadolu Agency (AA).
Бидејќи нејзиниот татко е болен, таа се грижи за своите петмина помлади браќа и сестри, како и за родителите, со тоа што продава бисквити на улиците на Ал Баб во северниот дел на Сирија.
„Заминувам оддома во 10 часот изутрина и се враќам околу 10 часот навечер. Продавам по две кутии бисквити на ден. Одам по продавници, автомобили. Некои луѓе ги купуваат, некои не“, изјави Рахаф за АА.
Нејзиното семејство се преселило во Ал Баб откако било принудено да ја напушти покраината Деир ез Зор откако нивниот дом бил разрушен.
За време на конфликтот, раселувањето и насилството станаа дел од секојдневниот живот во Сирија и многу деца се принудени да ја преземат улогата на оние кое се грижат за семејството.
„Кога продавам бисквити на улиците, ги гледам другите деца како тргнуваат од дома за на училиште. Посакувам да одев и јас како нив. Ми недостигаат многу училиштето и моите пријатели во класот“, вели Рахаф.
Зборувајќи за нејзините соништа, таа рече дека доколку има можност да се врати на училиште, би сакала да учи за да стане учителка.
„Сакам моите браќа и сестри исто така да одат на училиште. Тие сѐ уште не знаат да читаат. Јас, барем знам да читам и пишувам“, вели таа.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Оттогаш, според бројките на ОН, стотици илјади лица се убиени, а над 10 милиони се раселени.
Постојаното раселување во земјата води до непостојаност животот на децата, што особено влијае врз нивниот пристап до образование.
Според извештајот на УНИЦЕФ во 2018 година, околу 5,6 милиони сириски деца биле погодени од конфликтот, а над 2,1 милион деца го напуштиле училиштето, додека некои од нив никогаш не ја виделе училницата однатре.
- Тешки услови за живот -
„Кога седам во мојата соба, тука во Ал Баб, се сеќавам на мојот дом во Деир ез Зор. Кога ќе влезев во мојата соба таму, имаше играчки. Си играв со нив. Sидовите беа полни со слики. Подовите беа поплочени“, се присети Рахаф.
„Куќата во која живее моето семејство сега има скелетна структура без врати и прозорци.“
„Многу е студено во зима. Станува ветровито и протекува дожд секаде“, изјави таа, додавајќи дека нејзиното семејство не е секогаш во можност да ја загрее куќата, бидејќи немаат доволно пари.
„Сакам да заврши оваа војна. Многу луѓе загинаа во оваа војна, многу домови се уништени. Се надевам дека војната ќе заврши, дека ќе се вратам дома и ќе можам да продолжам со моето образование.“