Ekip
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
БРИСЕЛ
Повеќе од илјада парламентарни пратеници од 25 европски земји во заедничко писмо го осудија планот на израелската Влада за анексија на деловите на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парламентарците во писмото ги повикуваат европските лидери да го спречат спроведувањето на израелската анексија и да ги спасат изгледите за решавање на блискоисточната криза со основање на две независни држави.
Вкупно 1.080 парламентарни пратеници од 25 европски држави и од Европскиот парламент, во писмо, исто така, ја поддржаа претходната порака на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, кој порача дека планот за анексија на Западниот Брег не може да помине без реакции и последици.
„Ние, парламентарците низ Европа, посветени на заштитата на глобалниот поредок втемелен на јасни правила, споделуваме сериозна загриженост поради планот на американскиот претседател Трамп за израелско-палестинскиот конфликт и непосредните изгледи за израелска анексија на територијата на Западниот Брег“, се наведува во писмото.
Парламентарците, исто така, предупредија на штетноста на т.н. мировен блискоисточен план на Трамп, што промовира постојана контрола на Израел врз расцепканата палестинска територија, оставајќи ги Палестинците без суверенитет, давајќи му зелено светло на Израел еднострано да анектира значајни делови на Западниот Брег.
Во писмото се наведува дека планот на новоформираната израелска коалициска Влада за анексија на Западниот Брег е фатален за перспективата за воспоставување мир на Блискиот Исток и дека е потенцијален нарушувачки фактор за регионалниот и глобалниот поредок.
Меѓу потписниците на писмото се претставниците на Европскиот парламент и националните парламенти на Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија и Велика Британија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху формираше заедничка израелска Влада со лидерот на опозицијата, Бени Ганц, и двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот за анексија на Јорданската Долина и другите територии на Западен Брег, на кои се изградени нелегални еврејски населби.
Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се смета за окупирана територија според меѓународното право, со што сите еврејски населби на територијата, како и планираната анексија, се незаконски.