Ekipa
02 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, истакна дека односите меѓу Египет и Турција забележале напредок, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Прашањето (за нормализирање на односите) сè уште не го достигна следниот чекор, но има одреден напредок кој се надеваме дека ќе го надградиме“, рече Шукри во интервју за египетскиот телевизиски канал „Ем-би-си“ (MBC) доцна синоќа.
Анкара и Каиро неодамна разменија позитивни сигнали во обид да ги обноват односите по повеќе од седум години политичка дистанцираност.
Шукри рече дека понатамошниот напредок ќе зависи од тоа колку двете земји се придржуваат до „правилата што ги регулираат билатералните односи, определбата на секоја страна да не се меша во внатрешните работи на другата, принципот на почитување и признавање на државниот суверенитет, во рамките на разгледување на политиките донесени на регионално ниво“.
„Ќе ја отвориме вратата за понатамошен напредок во нашите односи со Турција кога ќе бидеме задоволни од решенијата што се презентирани за отворените прашања меѓу нас“, рече тој, без да даде повеќе детали.
На 8 септември, шефовите на дипломатиите на двете земји одржаа втор круг прелиминарни преговори во Анкара, како дел од напорите за нормализирање на односите меѓу Турција и Египет.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека двете страни „се согласија да ги продолжат консултациите, потврдувајќи ја желбата за постигнување напредок во областите за кои се дискутира и потребата за понатамошни чекори за олеснување на нормализацијата на меѓусебните односи“.
Првата рунда прелиминарни разговори се одржа во Каиро во мај на покана на Египет. Во заедничкото соопштение разговорите беа опишани како искрени и опширни.
Од 2013 година, односите помеѓу Турција и Египет се спроведуваат на пониско ниво на вршители на должност. Во текот на овој период, одржани се и кратки состаноци во различни прилики помеѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
Во меѓувреме, турската Амбасада во Каиро и Конзулатот во Александрија, како и египетската Амбасада во Анкара и Конзулатот во Истанбул ги продолжија своите вообичаени активности.