Rania R.a. Abushamala
28 Ноември 2023•Ажурирај: 29 Ноември 2023
КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелската војска доцна синоќа објави дека 11 заробеници што Хамас ги држеше во Појасот Газа пристигнале во Израел во рамките на договорот постигнат со палестинската група со посредство на Катар, Египет и САД, известува Анадолу.
„Елитната единица на израелската војска и силите Шабак (Служба за општа безбедност) во моментов ги следат овие 11 лица што се вратија во Израел“, се наведува во соопштението на израелската војска.
„По почетната процена на нивното здравје, нашите сили ќе ги придружуваат овие лица додека не стигнат до своите семејства“, се додава во соопштението.
Официјалната израелска радиодифузна мрежа соопшти дека меѓу ослободените се наоѓаат девет деца и две жени.
Исто така, се вели дека Хамас ослободил шест заробеници од Тајланд.
Израелскиот весник „Едиот ахронот“ објави дека тајландскиот министер за надворешни работи, Парнпре Бахида-Нукара денес ќе допатува во Израел и ќе се сретне со ослободените Тајланѓани.
Министерството за надворешни работи на Катар соопшти дека 33 Палестинци, 30 деца и три жени ќе бидат ослободени во замена за ослободување на 11 израелски заробеници.
Портпаролот на катарското министерство, Маџид Ал-Ансари, рече дека меѓу ослободените Израелци тројца имаат француско државјанство, двајца германско и шестмина аргентинско.