Elif Küçük,Berk Özkan
22 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека кога ги развиваат односите со Европа, не ги запоставуваат Азија и Африка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган испрати видеопорака на 12. Меѓународен форум за безбедност „Халифакс“.
Турскиот претседател нагласи дека Турција нема претензии кон териториите, сувереноста и внатрешните работи на ниту една земја, нагласувајќи дека се обидуваат да ја осигурат националната безбедност на своите граѓани и да дадат придонес во стабилноста, спокојството и внатрешниот мир на регионот.
Тој нагласи дека Нагорно Карабах, за кој рече дека е територија на Азербејџан, и покрај резолуциите на Обединетите нации (ОН) и ОБСЕ бил под ерменска окупација веќе околу 30 години.
Според него, Групата од Минск била формирана за решавање на ова прашање, но за жал, досега не бил направен ниту еден чекор за ставање крај на окупацијата.
Ердоган истакна дека со договорот, постигнат благодарение на нивните заеднички напори со Русија, успеале да стават крај на судирот и да дадат придонес во решавањето на 30-годишниот проблем.
Турскиот претседател нагласи дека од самиот почеток велат дека кризата во Либија може да се реши само преку политички дијалог.
Осврнувајќи се на настаните во Источен Медитеран, Ердоган рече дека покрај провокациите на Грција и на грчката администрација на Северен Кипар, секогаш биле трпеливи и ладнокрвни што се однесува до прашањето на Источен Медитеран.
„Со иста решителност ќе ги продолжиме нашите напори за ставање крај на изолациите кон кипарските Турци и за праведно споделување на јаглеводородните извори на Источен Медитеран. Од друга страна, никогаш не ја затворивме и не ја затвораме нашата врата за дијалог и дипломатија. Нашиот предлог за организирање конференција за Источниот Медитеран, на која ќе учествуваат и кипарските Турци, е манифестација на нашата волја за решавање на проблемот преку дијалог“, додаде тој.
Ердоган рече дека Турција секогаш покажувала конструктивен став за надминување на постоечките проблеми во Егејот и на Источниот Медитеран.
„Да се затвори Турција, која од географски аспект е афро-евроазиска земја, во еден потесен круг во дипломатијата, колку што е погрешно, толку и е невозможно“, рече Ердоган.
„Кога ги развиваме односите со Европа, никогаш не ги запоставуваме Азија и Африка. Нашата соработка со Русија, која во последен период е продлабочена, не ја сметаме за алтернатива за нашите вкоренети врски со Америка. Особено придаваме големо значење на нашата позиција во НАТО, каде сме членка веќе 68 години. Границите на Турција во исто време се граници на НАТО“, истакна турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека тие како Турција преземаат критички одговорности како еден веродостоен сојузник против новите закани и предизвици со кои се соочува НАТО, додавајќи дека даваат сериозен придонес во НАТО во Авганистан, Косово, Ирак, Црното Море, Медитеранот и другите региони.
„Ние кога ги штитиме правата и интересите и на нашата земја и на нашите сојузници, нормално е од нашите сојузници да очекуваме ист дух на сензитивност и солидарност“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател подвлече дека Турција има волја со решителност да ја продолжи својата борба против заканите кон меѓународната безбедност и стабилност.