Merve Yıldızalp,Mehmet Tosun
09 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамките на посетата на Унгарија, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан присуствуваше на отворањето на турбето на Ѓул-баба, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во оваа пригода потсети дека станува збор за отворањето на еден од симболите на долгогодишното пријателство меѓу Турците и Унгарците.
Истакна дека Ѓул-баба, бекташиски дервиш, починал пред 477 години, и дека поради својот карактер и вредностите кои ги претставувал, бил познат во Унгарија.
„На ова турбе што му одолева на забот на времето, не смееме да гледаме само како на спомен што нѐ потсетува на заедничката историја. Ѓул-баба, оние кои го посетуваат, како да се огласува од длабочините на историјата, потсетува на меѓусебното почитување, разбирање и пријателство на различните култури“, рече Ердоган.
Потсети и на местото кое Ѓул-баба го пронашол во стиховите низ историјата.
„Иако Ѓул-баба не е со тело присутен меѓу нас, тој е тука со името, со сеќавањето и со мудроста“, појасни Ердоган, и изрази надеж дека духовното наследство од Ѓул-баба во времињата кои доаѓаат ќе биде симбол на пријателството на двете земји.
Тој потсети и на многу примери на историското и културното наследство кое го претставуваат пријателството и заедничката историја на двете земји.
Како пример наведе многу градби од османлискиот период кои се наоѓаат во неколку унгарски градови.
„Унгарија со нивното зачувување не е само пример за другите земји како да се чува историјата, туку и заедничкото културно наследство на човештвото“, рече Ердоган.
Порача дека Турција отсекогаш ѝ пружала поддршка на Унгарија во тоа и дека така ќе продолжи и во иднина.
„Во време кога се интензивирани заканите по регионалниот мир и стабилност, верувам дека нашата соработка е од исклучителна важност“, порача Ердоган.
Истакна дека оваа посета, во функција на претседател, е значајна порака за иднината.
Порача дека турско-унгарската соработка ќе продолжи да се развива.