Ekipa
25 Февруари 2022•Ажурирај: 27 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) воведе санкции за рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес ги ставивме на листата [санкционирани] претседателот Путин и министерот за надворешни работи Лавров“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Тој објасни дека лидерите на ЕУ не можеле да се договорат за оваа точка вчера, за време на нивниот вонреден самит, но преговорите продолжиле по што министрите за надворешни работи се согласиле за наметнување санкции за забрана за патување и замрзнување на имотот на Путин и Лавров.
Новиот пакет ја таргетира и Белорусија поради нејзината вклученост во воената интервенција во Украина со сериозни ограничувања за финансиската и визната политика.
„Го прекинуваме пристапот на Русија до најважните пазари на капитал“, рече Борел, додавајќи дека новите мерки значително ќе го ограничат протокот на капитал кон Русија.
Санкциите таргетираат 70 отсто од рускиот банкарски сектор, клучните државни компании, а Блокот, исто така, наметнува и ограничувања во трговијата поврзана со енергетскиот сектор, авијацијата и најсовремената технологија.
ЕУ во средата го усвои првиот пакет санкции против Русија поради нарушување на територијалниот интегритет на Украина.
Мерките беа насочени, меѓу останатите, и кон министерот за одбрана Сергеј Шојгу, двајцата вицепремиери, високи воени претставници и 351 член на Државната дума, Долниот дом на рускиот Парламент.
Денес, руската воена интервенција во Украина влезе во вториот ден, а најновите извештаи укажуваат дека руските трупи се упатуваат кон главниот град Киев од неколку правци.
Путин нареди воена интервенција вчера, само неколку дена откако ја призна независноста на два региона под контрола на сепаратистите во источна Украина.
Тој тврдеше дека Москва нема план да ја окупира соседната земја, туку дека сака да ја „демилитаризира“ и „денацифицира“ Украина.