Riyaz Khaliq Khaliq
25 Февруари 2022•Ажурирај: 27 Февруари 2022
ПЕКИНГ (АА) ‒ Кина се спротивстави на санкциите воведени од Западот кон Русија поради руската воена интервенција во Украина, јавуваат државните медиуми во оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Кина се противи на какви било незаконски санкции кои им штетат на легитимните права и интереси на Русија“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, на прес-конференција во Пекинг, јави телевизијата ЦГТН (CGTN).
Венбин додаде дека САД вовеле повеќе од 100 санкции кон Русија од 2011 година, но дека тоа не е основно и ефективно средство за решавање на проблемот.
Тој, исто така, рече дека Кина верува дека „треба да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, како и заеднички да се почитува Повелбата на ОН“.
Тој повика на „урамнотежен, ефикасен и одржлив безбедносен механизам во Европа“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека дипломатското решение за украинската криза „не е целосно затворено“ и дека „Кина ќе продолжи да се залага за дијалог и мирни решенија“.
Коментирајќи ја најавата на Тајван дека ќе воведе санкции кон Москва, Венбин рече: „Тајванските власти не пропуштаат ниту една можност да го привлечат меѓународното внимание, што е евтин трик кој ќе пропадне.“
Пекинг го смета Тајван за „негова отцепена провинција“, но Тајпеј инсистира на негова независност од 1949 година.