Ekipa
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите од земјите членки на НАТО се согласија да продолжат со поддршката за Украина, како и Грузија, Молдавија и Босна и Херцеговина на нивниот демократски пат, изјави денес челникот на НАТО, Јенс Столтенберг.
На прес-конференцијата по вонредниот состанок на лидерите на НАТО, Столтенберг ја повика Русија „да ја запре оваа бесмислена војна“.
Тој рече дека лидерите се согласиле да продолжат со поддршката за Украина и покрај обидите на Москва да ги одврати НАТО и ЕУ да ги поддржат своите партнери.
„Одговорот мора да биде поголема поддршка за земјите како Грузија, Молдавија и Босна и Херцеговина за да им се помогне да успеат со демократските реформи и да чекорат по патот што слободно го избрале“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека Русија „е агресорот, Белорусија е овозможувачот“ во воената интервенција на Москва во Украина, која ја нарече „страшна стратешка грешка“ што скапо ќе ја чини Русија.
Тој предупреди дека сојузниците во НАТО, исто така, мора да платат одредена цена за промените во безбедносната ситуација „бидејќи во ова сме на долги патеки“.
Столтенберг, исто така, потсети дека безбедносната закана „оди подалеку од украинската криза“, истакнувајќи дека Русија ја загрозува целата безбедносна архитектура на Европа.
Тој рече дека НАТО сериозно го сфатил овој ризик и дека поради тоа одлучил да распореди копнени, поморски и воздушни елементи на силите за одговор на НАТО „за првпат во историјата на колективната одбрана“.
Вчера, НАТО одлучи да ги активира своите планови за одбрана кои ќе му овозможат полесно распоредување на силите на територијата на НАТО.
Денес, руската воена интервенција во Украина влезе во вториот ден, а денешните извештаи покажуваат дека руските трупи се упатуваат кон главниот град Киев од неколку правци.
Путин нареди воена интервенција вчера, само неколку дена откако ја призна независноста на два региона под контрола на сепаратистите во источна Украина.
Тој тврдеше дека Москва нема план да ја окупира соседната земја, туку дека сака да ја „демилитаризира“ и „денацифицира“ Украина.