Ömer Tuğrul Çam
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) донесе одлука за применување санкции против шест руски лица и една руска институција поради труењето со хемикалии на рускиот опозиционер Алексеј Навални, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на состанокот во Луксембург одржан пред извесно време, се согласија во врска со санкциите, амбасадорите на овие земји членки во Брисел постигнаа согласност за лицата и институциите против кои ќе се применуваат тие.
Според тоа, санкции кои вклучуваат замрзнување на имотите и забрана за патување, ќе се применуваат против шест службеници на руските разузнавачки служби, како и на рускиот Државен институт за органска хемија и технолошки истражувања.
Лицата против кои ќе се применуваат санкции од страна на ЕУ се следни:
„Александр Бортников, шеф на Федералната безбедносна служба при руското разузнавање; Андреј Јарин, раководител во Одделот за внатрешна политика при администрацијата на руското Претседателство; Сергеј Киријенко, заменик-шеф на администрацијата на руското Претседателство; Сергеј Менјајло, ополномоштен претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Сибирскиот федерален округ, како и двајца заменици-министри за одбрана, Павел Попов и Алексеј Криворучко.“
Инаку, на Навални, додека бил во сибирскиот округ, му се влошила состојбата и беше пренесен во болница, а потоа за лекување пренесен во Германија, каде што беше откриено дека бил отруен со хемикалии.