İlker Girit
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АA) - Европската Унија (ЕУ) денес донесе одлука да ги тужи Чешката Република, Унгарија и Полска откако тие не ги исполнија мерките на Унијата за прераспределување на бегалците, иако неколкупати беа предупредувани во врска со тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Европската комисија преку соопштение истакна дека ги упатила земјите-членки до Судот на правдата на ЕУ поради непочитување на нивните законски обврски според шемата за распределба на бегалците.
Како одговор на миграциската криза во 2015 година, ЕУ донесе одлука за распределување на барателите на азил кои пристигнаа во Италија и Грција, кои пак се справуваа со голем прилив на мигранти.
Додека повеќето од земјите-членки ги прифатија мерките за прераспределување на бегалците, Чешката Република, Унгарија и Полска не успеаја целосно да ги применат мерките.
Комисијата на ЕУ започна прекршочна постапка против трите земји во јуни и двапати побара објаснување за непридржувањето до мерките.
Блокот, сепак, смета дека одговорот на трите земји е незадоволителен, велејќи дека трите земји не дале никакви индикации оти ќе придонесат за спроведување на одлуката за прераспределување.
Европската комисија, исто така, соопшти дека сите други земји-членки извршиле релокација и се обврзале на тоа во изминатите месеци, додека Унгарија не презела никакви дејства од почетокот на примената на шемата за релокација на мигранти.
Според Комисијата, Полска не извела распределување на ниту еден мигрант и се нема обврзано на тоа од декември 2015 година, додека Чешката Република не спровела релокација од август 2016 година ниту се обврзала на тоа повеќе од една година.