Burak Bir
08 Мај 2025•Ажурирај: 09 Мај 2025
ЛОНДОН (АА) – Европската Унија (ЕУ) денес објави дека ќе покрене постапка против Соединетите Американски Држави (САД) поради нивните „т.н. реципрочни“ царини кај Светската трговска организација (СТО), јавува Анадолу.
Европската комисија соопшти дека започнала јавна консултација за листа на американски увозни производи што може да бидат предмет на контрамерки од ЕУ доколку тековните преговори меѓу ЕУ и САД не резултираат со заемно корисен исход и отстранување на американските царини.
Во соопштението, Комисијата истакна дека листата за консултации се однесува на увоз од САД во вкупен износ од 95 милијарди евра, и вклучува широк спектар на индустриски и земјоделски производи.
„Комисијата, исто така, се консултира за можни ограничувања на одреден извоз на остатоци од челик и хемиски производи од ЕУ во САД во вредност од 4,4 милијарди евра“, се додава во соопштението.
Се нагласува дека оваа консултација има за цел справување и со универзалните американски царини и со тарифите за автомобили и делови за автомобили.
„Паралелно, ЕУ ќе покрене и спор во СТО против САД за нивните универзални таканаречени „реципрочни“ царини и царините за автомобили и делови за автомобили, со формално поднесување барање за консултации“, се вели во соопштението.
Понатаму се истакнува дека ставот на ЕУ е дека овие царини „очигледно ги кршат основните правила на СТО“.
„Целта на ЕУ е да потврди дека меѓународно договорените правила се важни и дека тие не можат еднострано да бидат игнорирани од која било членка на СТО, вклучително и САД“.