Ekip
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија ќе ја зголеми својата хуманитарна помош за авганистанските бегалци на 200 милиони евра (235 милиони американски долари), изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, јавува Агенција Анадолија (АА).
ЕУ ќе ја зголеми „хуманитарната поддршка за Авганистанците, во и околу земјата, од буџетот на ЕУ од над 50 милиони до над 200 милиони евра“, напиша Урсула фон дер Лејен на Твитер, додавајќи дека официјалната објава ќе ја даде денес на вонредниот состанок на лидерите на Г7.
„Блокот веќе испрати 57 милиони евра хуманитарна помош во Авганистан оваа година, додека ги поддржуваше авганистанските бегалци во Пакистан и Иран со уште 22 милиони евра“, објасни на дневната прес-конференција Балаш Ујвари, портпаролот на Европската комисија.
„Кога станува збор за зајакнување на нашиот хуманитарен ангажман за авганистанските бегалци, ние не гледаме само на Авганистан. Дел од сумата ќе оди за Авганистан, друг дел ќе оди за поширокиот регион, вклучително и земјите кои се домаќини на најголемиот број бегалци“, рече тој.
Но, Ујвари додаде дека е премногу рано да се даваат детали за прецизните суми и нивните дестинации.
Каде ќе завршат бегалците од Авганистан по минатонеделното заземање на земјата од страна на талибанците, стана точка на контроверзии, а многумина стравуваат од голем бегалски бран од земјата.
Ујвари, исто така, потврди дека Блокот е подготвен да работи само со партнерски организации, одговарајќи на потребите на терен.
„Хуманитарната помош не оди кај владите, не оди кај вооружените групи. Секогаш оди за невладините организации, меѓународните организации, особено Обединетите нации“, нагласи тој.