Ikrame Imane Kouachi
08 Март 2025•Ажурирај: 09 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Жестоки судири избија утрово меѓу сириските владини сили и остатоците од соборениот режим на Башар ал-Асад, откако нивните борци ги нападнаа болниците во северозападниот град Латакија, пренесува Анадолу.
Повикувајќи се на безбедноси извори во Латакија, официјалната сириска новинска агенција САНА објави: „Остатоците од паднатиот режим започнаа напад врз Националната болница во Латакија, а силите за јавна безбедност се спротивставуваат на нападот“.
Сириската државна телевизија објави дека жестоки судири избувнале и меѓу сириската армија и остатоците од соборениот режим околу болницата Ибн Сина во градот Латакија.
Во нападите кои ескалираа врз болниците низ Латакија и Тартус во западна Сирија има загинати, соопшти сириското Министерство за здравство.
„Шест болници во руралните области на Латакија и Тартус се директно нападнати од остатоците на паднатиот режим изминатата ноќ, при што загинаа неколку лица, повредени се многу други и причинета е значителна штета на инфраструктурата“, објави САНА, цитирајќи ја прес-службата на Министерството.
Министерството ги нарече нападите на болниците „злосторство против човештвото“.
Доцна синоќа, сириското Министерство за одбрана објави дека спречило напад на остатоците од соборениот режим врз командата на Сириската морнарица во градот Латакија.
Во изминатите три дена, во крајбрежниот регион на Сирија владеат засилени безбедносни тензии по нападите на елементите на поранешниот режим врз безбедносните патроли, кои резултираа со смрт на 11 припадници на сириската армија.
Гајас Деле, командант на дел од соборените режимски сили, кој учествуваше во заседа на безбедносните сили, најави формирање на воен совет за соборување на власта.
Башар ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија на 8 декември, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Ахмед ал-Шара, кој ги предводеше антирежимските сили во соборувањето на Асад, на 29 јануари беше прогласен за претседател за периодот на транзиција.