Burç Eruygur
19 Јануари 2023•Ажурирај: 19 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Спасувачката операција во градот Бровари, во регионот Киев, каде што вчера во хеликоптерска несреќа загинаа министерот за внатрешни работи, Денис Монастирски, неговиот заменик Евхен Јенин и државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Јуриј Лубкович, траеше околу девет часа, соопшти украинскиот претседател Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Стотици луѓе беа вклучени во гаснењето на пожарот, пребарувањето и спасувањето на повредените, спроведувањето на првичните истражни дејствија“, изјави Зеленски во видеообраќање доцна синоќа.
Тој рече дека 14 лица, меѓу кои и едно дете, загинале во несреќата, додека 25 други се повредени.
„Службата за безбедност на Украина покрена кривична истрага за овој страшен настан, за да се разјаснат сите околности на несреќата“, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател рече дека со Министерството за внатрешни работи привремено ќе претседава шефот на полицијата, Ихор Клименко, додавајќи дека задачите за кои бил одговорен Монастирски „во контекст на нивната одбранбена операција и обезбедување на безбедноста на државата се распределени“.
„Границата, ситуацијата во областа на фронтот, учеството на Националната гарда и полицијата во борбата се под контрола. Штом се утврдат јасни факти за тоа што точно довело до падот на авионот, ќе ги објавиме тие информации“, рече тој.