АНКАРА (АА) - По брзото заземање на помалите административни дистрикти и провинциски центри, талибанците во неделата влегоа во авганистанскиот главен град Кабул и ја презедоа контролата, драматично преземајќи ги уздите на земјата за прв пат по речиси 20 години, пишува Агенција Анадолија (АА).
Брзиот напредок на групата изненади многумина, а американскиот претседател Џо Бајден подоцна призна дека неговата администрација била изненадена од брзото влошување на ситуацијата кај авганистанската Војска.
Сепак, минатиот месец, тој јавно изрази доверба дека авганистанските сили за национална безбедност обучени од САД ги имаат „сите средства, сета обука и опрема“ за да спречат преземање на земјата од страна на талибанците.
Тој истакна дека верува во капацитетот на авганистанската Војска, нарекувајќи ја „подобро обучена, подобро опремена и покомпетентна во однос на водењето војна“ отколку талибанците.
Со зборови што можеби ќе го прогонуваат, Бајден рече дека авганистанската Влада и раководството „очигледно имаат капацитет да ја одржат Владата“.
Но, наместо тоа, талибанците го зазедоа Авганистан за неколку недели, дури и пред целосното повлекување на странските трупи од земјата. Владата брзо се распадна, а претседателот Ашраф Гани и останатите клучни претставници избегаа заради својата безбедност во странство.
Сепак, во текот на последните две децении, САД потрошија неверојатни 89 милијарди долари за обука и опремување на авганистанската Армија. Значи, останува прашањето: Зошто авганистанските војници паднаа толку брзо пред напредувањето на талибанците?
- Изгубена верба, корупција, слабо лидерство -
Рич Оуцен, пензиониран американски полковник кој бил распореден во Авганистан, го припиша предавањето на недостаток на „одржлива поддршка“ (поддршка од воздух, логистика, транспорт, комуникации) по заминувањето на американската Војска и изведувачите, „слабото политичко раководство“ и „недоволната национална етика“.
„Командантите и војниците ја загубија вербата во Кабул и на крајот не сакаа да се борат“, рече тој за Агенција Анадолија. „Корупцијата исто така влијаеше и на платата, моралот и достапноста на војниците“, рече тој, додавајќи дека имало и војници „духови“ - оние што не се појавувале на работа, но биле на списоците за плата.
„Корупцијата во логистиката и склучувањето договори исто така беше неконтролирана“, рече Оуцен, кој сега работи како геополитички консултант.
Повторувајќи дека недостатокот на поддршката од воздух е еден од факторите што довело до неуспех на авганистанските сили, Мурат Аслан, политички експерт од турскиот Универзитет „Хасан Калионџу“, истакна дека во земја како Авганистан, раштркани низ планинскиот венец Хиндукуш, копнените сили зависеле многу од поддршката од воздух, што може да ја обезбедат само САД.
Војниците „се повлекуваа затоа што не ја чувствуваа поддршката од централните (авганистанските и американските) сили“, изјави тој за АА. „Ова е военото толкување за целокупниот колапс.“
„Неуспехот на теренот не се однесува само на немоќта на авганистанските сили, туку и на психолошкиот ефект од повлекувањето на САД“, додаде Аслан.
Според него, авганистанските сили биле „повеќе мотивирани да имаат работа отколку посветен став да ѝ служат на земјата“ - за разлика од попосветените и поттикнати талибанци.
Тој, исто така, рече дека војниците се бирани врз основа на етничката припадност, а не според квалитетите.
- Иднината на односите со Авганистан -
На прашањето каков ќе биде односот на светот, особено САД, со новото талибанско раководство во земјата, Оуцен рече дека САД „не можат да развијат блиски односи со новата влада“.
„Ќе издава предупредувања и закани за да ги спречи да ги преминат црвените линии за тероризам (отворена поддршка или толеранција на Ал-Каеда, итн.). Ќе ги критикува кршењата на човековите права, како што е репресијата врз жените и малцинствата“, истакна Аслан.
„Што се однесува до остатокот од администрацијата на Бајден, тие ќе се обидат да ги минимизираат несогласувањата и да го избегнат острото око на јавноста за она што многумина го сметаат за огромен неуспех на политиката и стратегијата“, тврди тој.
Аслан, од друга страна, истакна дека всушност талибанците прво биле легитимирани со Договорот со САД од Доха во февруари 2020 година, додавајќи дека „отсуството на легитимна влада во Кабул и военото зајакнување на талибанците ги прави легитимни“.
- Вакуумот на моќ во Авганистан -
Многумина веруваат дека заминувањето на американските трупи од Авганистан оставило вакуум во моќта во земјата што може да го пополнат другите големи сили, особено Кина и Русија.
Осврнувајќи се на примањето на талибанската делегација од страна на Кина минатиот месец и ветената поддршка на штета на муслиманските Ујгури од северозападна Кина, Аслан рече дека тоа ефективно значи дека „Кина им ветила признавање на талибанците“.
Кина веќе го наметнува своето влијание зад „исламската влада“ во Авганистан, повикувајќи ги талибанците да ги почитуваат нивните обврски за преговарање за решение во земјата.
Посочувајќи на релативната тишина на Русија по падот на Кабул, Аслан рече дека тоа е „затоа што гледа дека постојат можности во постоечкиот јаз по повлекувањето на САД“.
„Клучно е меѓународната заедница првин да постигне солиден договор за својот однос со талибанците на сметка на признавањето“, рече тој.
Додаде дека сите актери, вклучително и Турција, Пакистан и Иран, „тогаш можат да ги повикаат талибанците… да се придржуваат кон универзалните норми и меѓународната политика“.
Алудирајќи на репутацијата на Авганистан како „гробница на империи“, Оуцен рече дека „Авганистан не е место каде што некогаш доминирала некоја надворешна сила, или профитирала подолг временски период“.
Но, тој додаде: „Руското и кинеското влијание ќе се зголемат донекаде, со исчезнувањето на влијанието на САД.“
Рече дека улогата на Турција ќе биде интересна, со оглед на нејзините блиски односи со соседен Пакистан, за кој се знае дека има влијание врз талибанците, но и како долгогодишна членка на НАТО.
Предупреди дека војната можеби нема едноставно да заврши, бидејќи талибанците „не покажаа способност да водат голема земја или економија“, а странското влијание ќе зависи од тоа дали „ситуацијата ќе се стабилизира или ќе предизвика нови судири“.
news_share_descriptionsubscription_contact
