Eshat Fırat
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската Влада ангажираше 3.000 полицајци за евакуација на десетици семејства еврејски доселеници населени во илегалната населба Амона, која од 1997 година е изградена на приватно палестинско земјиште на Западниот Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелското радио јавува дека израелската Влада под заострени мерки за безбедност започнала процес за иселување на еврејските доселеници од населбата Амона, што е во согласност со одлуката на Врховниот суд на таа земја.
Над 3.000 полицајци ја обезбедуваат населбата и поставија контролни пунктови за да ги спречат групите еврејски фанатици да се приближат кон населбата и да ја попречат евакуацијата на еврејските семејства кои одбиваат да ги напуштат своите домови.
Сепак, група еврејски демонстранти успеаја да се приближат кон населбата, каде што запалија поголеми количини гума.
Израелската војска вчера нареди во рок од 48 часа да се испразни илегалната еврејска населба Амона.
Станува збор за доселеничка населба што израелската влада ја изгради на палестинска земја во 1997 година, а Палестинците, сопствениците на земјата, подигнаа обвинение пред Врховниот суд на Израел.
Судот кон крајот на 2014 година пресуди дека не можат да се издаваат градежни дозволи и да се легализираат објектите изградени на приватните палестински земјишта и дека населбата Амона мора да се отстрани во рок од две години. Израелската Влада дополнително бараше да се одложи евакуацијата на 50 еврејски семејства од Амона за уште седум месеци.
Кон крајот на декември минатата година, Советот за безбедност на ОН ја изгласа резолуцијата 2.334, а САД при гласањето беа воздржани. Со оваа резолуција се налага итно да се заврши израелската политика за изградба на илегалните доселенички населби на окупираната палестинска територија. Таа одлука израелската власт ја критикуваше остро и ја оцени за неприфатлива.