Adham Kako
09 Јануари 2018•Ажурирај: 09 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Израел изврши ракетни напади врз позициите на режимот на Асад кои се наоѓаат во околината на сирискиот главен град Дамаск, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на режимот на Асад, во утринските часови, објави писмено соопштение во кое се наведува дека Израел извршил три одвоени напади во околината на Дамаск.
Во соопштението се вели дека првиот напад го извршил израелски воен авион од либанска територија во 2:40 часот, ракетирајќи го местото ел-Кутајфе кое се наоѓа во подрачјето на Дамаск.
Во продолжение на соопштението е истакнато дека системот за воздушна одбрана го спречил нападот, додавајќи дека притоа е погоден еден израелски воен авион.
Во писменото соопштение се вели дека Израел во 3:04 извршил нов напад врз подрачјето на Голанската висорамнина со ракети „земја-земја“, но и овие две ракети биле соборени од воздушниот одбранбен систем на режимот.
Последниот напад е извршен рано наутро, во 4:15 часот, кога израелски воен авион ја ракетирал Голанската висорамнина со 4 проектили.
Израелскиот весник „Хаарец“ („Haaretz“) објавувајќи го соопштението на сирискиот режим напиша дека всушност целта на нападите биле магацините за оружје на режимот.
Израелските власти сѐ уште не дадоа никакво соопштение.