Ahmed Asmar
08 Август 2024•Ажурирај: 09 Август 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелските власти денес издадоа забрана за влез на имамот (проповедникот) на џамијата Ал Акса, шеикот Екрима Сабри, во траење од шест месеци поради жалењето за убиениот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, изјави неговиот адвокат, јавува Анадолу.
„Шеикот Сабри доби забрана за влез во џамијата за шест месеци“, истакна адвокатот Калед Забарка.
Од израелската полиција сѐ уште нема потврда за тоа.
Осумдесет и петгодишниот Сабри беше накратко приведен од израелските сили во петокот по жалењето за убиството на Ханије, кој беше убиен во Техеран на 31 јули, по присуството на церемонијата за полагање заклетва на новиот претседател на Иран.
Хамас и Иран го обвинија Израел за убиството на Ханије, а Тел Авив ниту ја потврди ниту ја негираше одговорноста.
Имамот и претходно е приведуван од израелските сили и со месеци имаше забрана за влез во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим).
Сабри е жесток критичар на повеќедецениската израелска окупација на палестинските територии. Претходно од 1994 до 2006 година тој ја извршуваше функцијата муфтија на Ерусалим и на палестинските територии.